Изборите на 25 октомври означија квалитативна промена во српската и балканската политика. Студентската листа (СЛ) освои 52,7 проценти од гласовите (освојувајќи 141 пратеничко место), додека владејачката Српска напредна партија (СНС) на Александар Вучиќ, освои само 39,2 проценти (103 пратенички места),во она што може да се карактеризира како референдум против режимот. Излезноста на гласачите достигна 70 проценти. Ова не беа обични избори, туку кулминација на исцрпното масовно движење против владеењето на вкоренетиот режим на Вучиќ, кој во текот на неговото 14-годишно владеење навлезе длабоко во сите пори на земјата.
Сцени на радост го одбележаа моментот кога стотици илјади луѓе низ целата земја, штом Вучиќ го призна поразот, спонтано се впуштија во заедничка прослава. Оваа прослава сведочи за долгата и тешка борба што српската младина ја води повеќе од две години, со широка поддршка од масите, борејќи се против клевети, провокации, заплашувања и пријави, спроведувани од СНС-насилниците. Десетици илјади луѓе продолжија со славјето и наредниот ден.
Сепак, и покрај еуфоричното расположение, значаен дел од движењето правилно разбира дека, иако поразот на Вучиќ претставува важен прв чекор, режимот сè уште не е уништен. Тие инстинктивно се стремат да го искористат моментумот на масовното движење за да им нанесат решителни удари на режимот и неговите омразени послушници.
Највпечатлив пример за револуционерното расположение можеше да се забележи на самата изборна ноќ, кога настана масовната акција за отстранување на „Чациленд“. Овој камп беше воспоставен и одржуван повеќе од една година во самиот центар на Белград, од страна на лојалистите на режимот, вооружените бандити, криминалците и разните провокатори; тој простор беше извор на постојани провокации и напади и беше штитен од силно опремена полиција за да ги разбие демонстрациите.
Илјадници луѓе тргнаа директно на Чациленд со намера да го уништат кампот. Како што се ширеше веста, сè повеќе луѓе им се придружуваа. Во тие околности, секој обид за директна интервенција од страна на жандармеријата ќе беше осуден на неуспех и само ќе се долееше масло на огнот. Така, полицијата се повлече. Следниот ден, демонстрантите упаднаа во белградските простории на озлогласен провладин медиум „Информер“, прекинувајќи му ја програмата во живо и конфронтирајќи се со неговиот главен уредник, Драган Ј. Вучиќевиќ.
Вучиќ тврди дека тоа бил напад врз „слободата на говорот“, но тоа не беше ништо друго освен здрава реакција на движењето насочено против „слободата“ што им овозможуваше на неколку привилегирани и заштитени следбеници да клеветат и измислуваат лажни вести – „права“ што бескрупулозно ги злоупотребуваа со години за да го поддржуваат политички режим кој стануваше се поочаен и потрул.
Независното здружение на српски новинари објави дека ќе поднесе барање за одземање на лиценцата за емитување на телевизијата „Информер“, наведувајќи ги како причини системските прекршувања на законот и програмските обврски. Оваа борба, во поголема или помала мера, ги засега сите медиуми, почнувајќи од приватната медиумска група Пинк, која го поддржува Вучиќ, па сè до јавниот радиодифузен сервис РТС.
Вучиќ замина
Кое е значењето на овој развој на настаните? Еден дел од движењето правилно разбира дека изборниот пораз на СНС не значи дека режимот е искоренет. Неговата база на моќ е разнишана, но мора да биде уништена со револуционерни средства. Секое опуштање по ова прашање значи давање време на реакционерните сили да се прегрупираат, да ја консолидираат својата одбрана и да ја вратат иницијативата во свои раце при првата можност. Тие може да се потпрат на длабоката мрежа на поддршка што сè уште ја имаат во најтемните дупки на српската заедница и државата.
Она што се случи во Србија не се „обични избори“, туку настаните се поблиску до револуционерен пресврт.
Ова не беа фер избори, дури ни според искривените стандарди што ги дефинираат „фер“ изборите во развиените капиталистички земји. Дури и таму, правилата на буржоаската демократија се прилагодени во корист на владејачката класа, а сите масовни медиуми се под контрола на капиталистите. Секој што има очи може да види како, на пример во Германија или Франција, „законот“ е наклонет да им дозволи на екстремно непопуларните влади да останат на власт со години, и покрај масовното противење. Во исто време, тие донесуваат реакционерни закони, како што се оние што ги криминализираат протестите и класната борба, и безобзирно се потпираат на државната репресија за да го задушат широко распространетиот бунт.
Сепак, изборите и редовното функционирање на општеството продолжуваат да се одвиваат според одредени правила.
Во Србија, на Студентската листа ѝ беа наметнати екстремно неповолни услови за учество на изборите, а камоли за нивно добивање. Победата беше можна само низ исклучително силната масовна мобилизација.
Зошто тогаш Вучиќ одлучи да ги распише овие избори? Веројатно сметаше дека може да го искористи заморот, акумулиран во текот на две години, кај мобилизираните млади луѓе и масите што ги поддржуваа. Со објавувањето на предвремени избори, на движењето му беше дадено малку повеќе од еден месец да ја организира и спроведе изборната кампања, речиси без пристап до медиумите. Од друга страна, изборната машинерија на СНС спроведе темелни подготовки, засновани на координирана комбинација од корупција, закани и уцени. Вучиќ се надеваше дека ќе успее во ова, но катастрофално погрешно го процени вистинското расположение во општеството. Неговиот облог не се исплатеше.
Масовното движење доби нов моментум штом стана јасно дека се појавува можност да му се зададе одлучувачки удар на режимот. Како што се приближуваше датумот на изборите, стануваше сè поочигледно дека моралот на поддржувачите на Вучиќ паѓа, додека масовното движење стануваше посилно, спротивставувајќи се на провокација по провокација.
Резултатот не остави простор за никаков сомнеж.
Изборната кампања на Студентската листа (СЛ) организираше каравани предводени од студенти, насочени кон секое село и град во земјата. Додека мејнстрим медиумите, вклучително и РТС, речиси целосно ја игнорираа Студентската листа во текот на целата кампања, десетици илјади нејзини поддржувачи излегоа на терен, тропајќи на секоја врата, за да ги слушнат проблемите на обичните луѓе.
Масовна мобилизација
Важен дел од програмата на Студентската листа е борбата против корупцијата, која има силен одѕив кај младите луѓе и работничката класа. Тие од прва рака го видоа подемот на крадците, далаверџиите и измамниците кои се збогатија и добија моќ под режимите кои се офајдија по распадот на Југославија, како и растечката нееднаквост што резултираше од тоа. Таа состојба мора да се промени.
Нивната програма, меѓу другото, го поставува прашањето за драстично зголемување на средствата за образование, здравство (лекар во секое село) и социјално домување, како и зголемување на минималната заработувачка.
Јасно е дека мобилизацијата на масите против режимот беше клучна за постигнување на изборната победа, а нејзината важност оди подалеку од опсегот на самиот импресивен резултат. Ова прикажување на сила, исто така, послужи да стане јасно дека секој обид да не се признаат резултатите ќе предизвика револуционерно превирање.
Мобилизацијата за предизборниот митинг во четврток, 22 октомври – кога 150.000 луѓе ги исполнија улиците и плоштадот Славија во Белград, може да се спореди во однос на нејзиниот обем и енергија со масовните демонстрации од 15 март 2025 година, кои извадија стотици илјади луѓе на улиците. Настанот од 22 октомври беше вистински израз на масовен пркос, кој беше константа во сите мобилизации во текот на изминатите две години. Од друга страна, Вучиќ се обрати пред група од само неколку илјади поддржувачи во спортска сала, што го направи овој контраст уште позабележителен.
Масовните акции беа во центарот на вниманието и на самиот ден на изборите. Во неделата, десетици илјади луѓе се мобилизираа за да се спротивстават на можните обиди за кражба на изборите. Оваа масовна мобилизација, според сите извештаи, беше клучниот фактор што го принуди Вучиќ толку рано да го признае поразот и да се откаже од сите планови што режимот можеби ги имал, што вклучуваше потпирање на силна полициска сила за разбивање на демонстрациите и лојалистите собрани околу Чациленд.
И покрај сериозните закани, и покрај повиците од носителот на Студентската листа, Илија Срдановиќ, за останување дома, десетици илјади луѓе излегоа на улиците. Како што веќе беше посочено, масовната акција успешно го исчисти Чациленд, а жандармеријата и интервентната полицијата се соочија со изборот помеѓу повлекување или предизвикување масовен револуционерен одговор.
Раководството на Студентската листа постојано повикуваше на смирување на ситуацијата и демобилизација на масите за време и по изборите. Без јасна револуционерна стратегија, неизбежно е поткопување на обидот за отстранување на темелите врз кои почива моќта на режимот.
Сепак, сознанието дека откако масите ќе бидат мобилизирани, ништо не може да ги запре, ќе остане во свеста на оние што ги преживеале овие настани. Доколку постои сериозна закана за фундаменталните промени што се бараат и се очекуваат од новата влада, овие лекции повторно ќе излезат во прв план.

Што потоа?
Наша должност како комунисти, е да го поставиме прашањето: што сега?
Како што истакнавме, изборната кампања на СЛ не можеше да се спроведе, а камоли да се добие, без масовна мобилизација. Студентските пленуми, основани во декември 2024 година – и маалските зборови, кои се појавија во пролетта 2025 година, се истрошија во текот на изминатата година поради замор, додека мобилизациите стагнираа. Изборната кампања го оживеа и охрабри масовното организирање преку набљудувачки комитети и други форми на самоорганизирање. Во тоа лежи силата и моментумот на сегашното движење.
Соочен со тоа, Вучиќ немаше друг избор освен да се повлече. Но, каква е стратегијата на Вучиќ сега? Кои предизвици се појавуваат во преодниот период помеѓу изборите и формирањето на нова влада предводена од СЛ? И кога тоа ќе се случи, со какво сценарио ќе се соочи новата влада?
Едно е сигурно, а тоа е големата веројатност дека СНС ќе се обиде да го продолжи овој преоден период колку што е можно повеќе. Според правилата, може да трае до 90 дена, што им дава време на реакционерните сили да се прегрупираат, особено ако се земе предвид дека сите функционери кои го поддржуваа режимот на Вучиќ сè уште се на своите места, на сите нивоа на државниот апарат, во полицијата, тајните служби, армијата, судството, министерствата и јавната администрација. Таборот на Вучиќ е во зашеметеност, но може да се повлече и да ги зајакне своите сили. Истите криминалци кои ја добија својата позиција и привилегии со поддршката за Вучиќ можат да го искористат ова време за да ги покријат своите траги, да се препозиционираат и да се обидат да наметнат услови на новата влада, или да смислат план за економско уништување или саботажа, или можеби и двете.
За време на формирањето на владата, па дури и пред тоа, можно е СЛ да се најде под огромен притисок од внатрешноста на државниот апарат, засилен од империјалистичкиот притисок, особено од Европската Унија и САД. Тие ќе вршат притисок врз СЛ да ја ублажи својата програма, да „биде реалистичен“ и така натаму.
Нивната цел ќе биде веднаш да ги „врзат рацете“ на новата влада предводена од СЛ, обврзувајќи ја да ги почитува „светите“ правила на капитализмот, првенствено интересите на странските инвеститори. Фон дер Лајен и нејзините соработници ќе дадат „пријателски“ совети, заедно со ветувања за интеграција во ЕУ. Тие веќе бараат Србија да воведе санкции кон Русија, услов што би претставувал исклучително тежок товар за српската економија, а кој лидерите на СЛ културно го одбиваат.
Можно е ова да не стане клучна точка на спор. Сепак, во одреден момент, ако владата предводена од СЛ одбие да ги исполни барањата на ЕУ и да се согласи, ЕУ ќе ги покаже забите и ќе „ја смени плочата“.
Мора да бидеме јасни: „цивилизираните“ европски сили не се пријатели на српскиот народ. Тие цело време го поддржуваа Вучиќ и немаат апсолутно никаков интерес да ја поддржат владата на СЛ, која спроведува значајни реформи, во време кога речиси сите европски влади спроведуваат штетни намалувања на социјалните трошоци, а во исто време фрлаат пари за вооружување и милитаризам. Цела Европа е во пламен како резултат на оваа политика.
Тие нема да толерираат спроведување на фундаментални реформи во Србија. Ќе сторат сè што е во нивна моќ ефикасно да ја спречат владата на СЛ да ја спроведе својата програма.
Ако некој се сомнева во ова, доволно е површно да погледне на катастрофалната улога што ја играше таканаречената „тројка“ (Европската комисија, ММФ и Европската централна банка) во задушувањето на револуционерниот подем на грчкиот народ, како и обидот на владата на Сириза во Грција во 2015 година да ги запре мерките за штедење и да спроведе скромни реформи.
Сепак, владата на СЛ нема да се соочи само со отпор од Брисел или Вашингтон. Може да се каже и дека ќе се соочи со саботажа и отпор од самото срце на српската држава – бирократијата, судството и безбедносните сили.
Прашањето за борбата против корупцијата, кое е од клучно значење, раководството на СЛ го поставува во исклучиво правна рамка. Ова се базира на разбирањето дека, во повеќето случаи, огромно богатство е стекнато на криминален начин, т.е. грабеж, корупција и злоупотреба на привилегирани позиции во државниот апарат по распадот на Југославија.
Сепак, овде мора да бидеме многу јасни. СЛ ја пласира опасната илузија дека борбата против корупцијата може да ја спроведува реформиран српски државен апарат, кога токму овој државен апарат е јадрото на проблемот и овозможува грабежите да продолжат со децении. Ова важи и за судството, безбедносните служби и полицијата.
Корупцијата е широко распространета во сите капиталистички земји, но во земја како Србија таа има уште поструктурна улога. Таа е составен дел од системот, а државниот апарат не може да се бори против неа, бидејќи тој е поврзан со владејачката класа преку илјадници нишки, формални и неформални. Само алтернативна власт, заснована на работниците и младите од Србија, може да понесе таква борба.
Да ја понесеме борбата до крај!
Што може да направи владата на СЛ за да ја спроведе радикалната трансформација на српското општество, што од неа ја очекува масовното движење благодарение на кое таа дојде на власт?
Мора да имаме предвид дека реакционерните сили дејствуваат онолку силно, колку што може да се потпрат на инерцијата на буржоаското општество. Доколку беа навистина семоќни и доколку сè навистина зависеше од нив, Вучиќ сè уште ќе беше на власт. Револуционерната мобилизација на младите, работничката класа и пошироката српска јавност е единствената сила што може да ѝ ја обезбеди потребната сила на владата на СЛ за да ја спроведе својата програма.
Неизбежно е дека претстојниот период ќе биде обележан со противречности. Од една страна, постои општа доверба меѓу масите во владата на СЛ, врз основа на идејата дека изборната победа им даде на лидерите на СЛ легитимен авторитет да ја спроведат својата програма. Многумина во движењето веруваат дека на СЛ треба да ѝ се даде време да го постигне тоа. Од друга страна, одредени делови од движењето ќе преземат директни акции за да го забрзаат процесот на промени. Ќе бидеме сведоци на силни масовни акции секој пат кога реакционерните сили ќе се обидат да ги поткренат главите и да го загрозат тој процес.
Од клучно значење е во овој процес зборовите и пленумите да се ревитализираат, зајакнат и консолидираат и да се вкоренат во масата на работничката класа, на секое работно место. Изборната кампања покажа дека е можно движењето да стигне до секој дом, до секој работник, пензионер и млад човек, во секој дел од земјата и да ги убеди да гласаат. Сеприсутната организација на движењето мора да стигне до сите работни места.
Само со зајакнување на органите на алтернативната власт е можно да се поддржи, одбрани и спроведе потребната радикална трансформација на општеството.
Како комунисти, ние сме решени да ја понесеме оваа борба до крај.




